Диркем и Вебер за религијата

Религијата е една од најтемелната и најсеопфатна активност на човекот бидејќи со неа, човекот сака да даде смисла на самиот живот, односно таа е реакција на човековата потрага по смислата. Религијата лежи во срцевината на сите култури и цивилизации. Според Диркем, религијата го родила сето она што е важно и суштинско за едно општество. Исто така, религијата обично се употребува да ги означи верувањата, однесувањата и општествените институции што имаат врска со размислувањата за следниве аспекти: потеклото, смислата и значењето на вселената, што се случува после смртта, постоење или барање на моќни, нечовечки суштества (духови, предци, ангели, демони и богови) и сл.

Но како прецизно да се дефинира религијата? Не може да се даде конкретна дефиниција за религијата бидејќи самиот термин е премногу општ. Па затоа, ќе наидете на дефиниции кои религијата ја определуваат како начин на живот на група на луѓе, или верување во нешто поголемо од човекот (Бог), па до сфаќање дека религијата е механизам за справување со нашиот страв од смртта (Фројд). Кога сме кај Фројд, да истакнеме и дека според него, корените на религијата лежат во нашата неспособност паметно и зрело да се справуваме со секојдневните проблеми. Религијата, ќе рече тој, произлегува од емоциите: страв, очај, неизвесност, стравопочитување и сл.

Карл Маркс пак, ги лоцира корените на религијата во отуѓувањето (алиенација) кое настанува поради класите и класната борба. Тој за религијата ќе рече дека е опиум за народот алудирајќи на тоа дека религијата ги заслепува луѓето и не можат да носат рационални решенија, или дека религијата ја намалува болката (средство за смирување) кај угнетените (работниците).

Ние ќе се задржиме на Диркемовото сфаќање за религијата, според кое, религијата е вкоренета во разликата која ја прават сите општества помеѓу светите (сакрални) и световните (профани) ствари. Исто така, тој ја нагласува религијата како внатрешен систем за општествена контрола, кој своевремено, во поединецот го создава она чувство за морално обврска за почитување на правилата и нормите на едно општество. Тој дава една прилично сеопфатна дефиниција: религијата е цврсто поврзан систем на верувања и обичаи кој се однесува на светите, односно издвоените и забранетите ствари и кој ги поврзува луѓето во една морална заедница.

Во неговото најпознато дело “Елементарни облици на религискиот живот„ Диркем укажал дека тотемизмот е првиот облик на религиско верување. Тотемот е категорија на материјални објекти, кон кои примитивниот човек има суеверна почит, притоа верувајќи дека помеѓу него и секој член на кланот постои интимна и целосна, потполно специфична поврзаност.

На крајот, да ги истакнеме функциите кои Диркем ги наведува како суштински за религијата:

а) Кохезивна функција – религијата ги поврзува луѓето во една морална заедница;

б) Интегративна функција –  религијата помага за полесна интеграција (вклопување)

в) Колективна свест – религијата ги обединува луѓето со  помош на моралот и моралните правила

г) Религијата го дава вредносниот систем на едно општество и дава смисла и цел на човековиот живот.

 

Макс Вебер, еден од најголемите теоретичари на социологија на религијата, смета дека религијата е еден вид на “рационализација„ на човековото страдање, односно дека религијата му дава смисла на човековиот живот кој е исполнет со страдање и неправда. Религијата ќе рече Вебер, нуди објаснување и оправдување на среќата и несреќата, бидејќи човекот ќе ги издржи и најголемите несреќи ако тие се стават во некој систем што дава смисла и значење.

Во едно од најпознатите дела, “Протестантска етика и духот на капитализмот„ Вебер ја објаснува врската помеѓу теолошката (религиска) доктрина на протестантите и развојот на модерниот капитализам. Протестантите верувале во идејата дека Бог одбира одреден број на луѓе за во рајот и пеколот, уште пред тие да се родат, и што и да направат тие луѓе, не можеле да влијаат врз Божјата одлука. Затоа сите протестанти живееле под огромен психолошки притисок да живеат праведно, ама не за да ја сменат Божјата одлука, туку да си докажат себе си и на другите дека баш тие се меѓу одбраните за во рајот. Еден од начините за таа цел бил економскиот успех стекнат преку чесност, дисциплинираност, и кој се засновал врз тоа целото заштедено богатство да се реинвестира постојано. Имено протестантите сметале дека целта на стекнување на богатство не се потрошувачката и уживањето (хедонистички аспект), туку зголемување на материјалното богатство (едно од етичките правила за исполнување на должноста кон Бог). Оттука, Вебер изведува заклучок дека модерниот капитализам е настанат како резултат на овие етички правила кај протестантите за штедење и реинвестирање. Меѓутоа, треба да се напомене дека Вебер е убеден дека протестантската етика не е причина за појавата на модерниот капитализам, ама е еден од нужните услови за неговото појавување.

 

Видови и функции на комуникацијата

Комуникацијата е премногу сложен општествен феноме и оттука, видовите на комуникација варираат во зависност од многу фактори. Ние ќе се задржиме на следниве видови на комуникација:

1.1.Интраперсонална комуникација– претставува комуникација на самата личност со себе си. Се смета дека овој вид комуникација е основа на сите други комуникации. Голема улога во ова комуницирање имаат менталните способности и активности на човекот. Интраперсоналната комуникација се однесува на движењето на идеите во менталните процеси на поединецот, што значи дека овој вид комуникација е ограничен на личноста, која во општењето со својата средина, пред да изнесе некој став, мислење или да направи некои избор, ги става во меѓусебна комуникација своите знаења, вештини интереси и сите други содржини на својата ментална структура.

 

1.2.Интерперсонална комуникација- претставува непосредна, директна кому-никација меѓу две или повеќе индивидуи во услови на физичка близина, со можност да се користат сите сетила. Факт е дека овој вид комуникација е најраспространет и најчест. Ова комуницирање има неколку карактеристики:

Прво,тоа се одвива лице в лице (постои директен контакт);

Второ, пред почетокот на комуникацијата, постои т.н. перцептивна ангажираност (состојба на меѓусебно запазување на учесниците во комуникацијата);

Трето, ова комуницирање подразбира размена на пораки кои најчесто се јазични, говорни содржини.

 Последна карактеристика е тоа што овој вид комуникација не подлежи на некои конкретни правила и затоа се одвива неформално.

1.3. Невербална комуникација– во кои отсуствува говорот и јазикот, а комуникацијата се одвива со помош на гестови, мимики, положба на телото и сл. Овој вид комуникација се нарекува и паралингвистичка комуникација која е составена од фонетички средства на комуницирање (тон на зборовите, јачината и темпото и сл) и гестови, пози, движење на телото и сл.

Од големо значење е невербалната комуникација која во себе содржи порака наменета за друго лице. Се смета дека главен извор на овој вид комуникација се емоциите додека еден од најчестите средства на невербалната комуникација се гестовите. Гестот е чин, дејност што ја изведуваат луѓето со своето тело за да се пренесе некоја порака, информација и сл кон други луѓе.

 

1.4. Масовни комуникации- овој вид комуникации се поврзува со мас медиумите. Средствата за масовна комуникација во животот на човекот воопшто заземаат значајно место. Овие средства сè помасовно стануваат придобивка на широките народни маси, кои пак од своја страна широко ги прифаќаат и ги користат истите. Нивната главна одлика е способноста да станат блиски до и за секој човек, често пати се наметну­ваат агресивно, можат да послужат како средство за манипулација на луѓето, но сепак тие имаат разработена стратегија на сопствена презентација која се засновува на попу­ларност на оние што  нудат и ефикасен начин пону­дата да ја направат блиска и достапна за секого. Овие средства имаат неколку карактеристики:

Прво, масовното комуницирање претпоставува постоење на комплексна формална организација во која работат голем број професионалци кои ги обезбедуваат содржините кои ќе се пласираат низ медиумите.

Второ, масовната комуникација е јавна, што значи дека сите пласирани инфор-мации, соопштенија се наменети и достапни за пошироката јавност.

Трето, масовното комуницирање се одвива меѓу комуникаторот од една страна (ТВ,радио,печат и сл) и широката,масовна публика од друга страна.

Четврто, таа бројна публика е хетерогена, нема свој идентитет, организација и сл. но она што е битно е дека истата таа публика е обединета поради некој заеднички интерес или цели.

Петто, истата таа публика е анонимна, непозната и затоа секој медиум е живо заинтересиран да има што поголемо влијание врз што поголем дел од таа публика.

есто, пласираните пораки треба да бидат актуелни, нови и затоа се истакнува дека брзината на пренесување на пораките е една битна карактеристика на масовните комуникации.

 

  1. Функции на комуникациите

Комуникацијата како процес кој ги формира и карактеризира односите меѓу луѓето има бројни функции, но во интерес на должината на текстот, ќе наведеме само неколку :

  • Информативна – која подразбира прибирање и ширење нови информации
  • Емотивна – функција која овозможува зголемување на блискоста меѓу учесниците на еден комуникациски процес
  • Когнитивна – подразбира стекнување нови информации, вештини и знаења преку комуникацискиот процес
  • Персуазивна – функција која има за цел да го убеди примателот на пораката да го смени своето размислување или да му наметне друго, различно од неговото. Постојат три аспекти на оваа функција:
  • Реклама – кога примателите на пораката (рекламата) треба да се убедат да купат одреден производ
  • Политичка пропаганда – кога на примателот му се посочува одреден политички став како правилен и пожелен
  • Едукативни кампањи – кога целта е примателот да го смени своето сфаќање во однос на некоја заразна болест како сида на пример

Комуникација и елементи на комуникацискиот процец

Во општествената структура постојат многубројни општествени појави.Сите тие појави, без исклучок, се засновуваат врз разни меѓучовечки, меѓугрупни односи кои се главна одлика на комуникациската мрежа. Патем, комуникацијата е составен дел од човековата природа, таа е нужна компонента во човековиот живот и основа на неговата општественост. Па така, во науката, вкупноста на сите видови комуницирања на луѓето во одредено време, простор и општество, ја сочинува општествената комуникациска мрежа

Да се комуницира, на прв поглед, значи да се пренесуваат информации за она за кое што размислуваме. Оттука, сосема неспорно е дека животот на поединците се заснова врз комуникацијата, која пак, се заснова врз два елементи: јазикот и говорот. Јазикот е примордијален елемент на културата, а со тоа и на комуникацијата. Јазикот е тесно поврзан со говорот, меѓутоа меѓу нив постои разграничување бидејќи јазикот е систем на знаци со кои поединците во одредена општествена средина го означуваат светот во кој живеат. Всушност, јазикот е апстрактен систем кој овозможува комуницирање меѓу луѓето. Говорот пак, претставува практична примена на јазикот, ”преточување на јазикот во материја„. Како и да е, јазикот и говорот, заедно формираат една целина, која претставува јазична дејност, чија пак, основна цел е да овозможи човечка комуникација.

Со други зборови, говорот претставува генетска придобивка, вродена способност за зборување, додека јазикот е културно наследство, има општествено потекло и е производ на комуникациската активност со која се служеле претходните генерации.

Комуникацијата се определува како општење меѓу луѓето преку пораки, т.е.размена на информации, идеи, мисли преку симболи, по пат на некој канал до некој примач, со веројатност дека ќе предизвикаат реакција насочена кон изворот на таа информација. Всушност, комуникацијата е општествен однос меѓу две индивидуи, во кој едната дава а другата ја прима информацијата.

Според одредени автори, комуникацијата има три суштински карактеристики:

  • Таа е процес на воспоставување врски меѓу луѓето, кои можат да бидат директни или индиректни
  • Таа претставува активност
  • Комуникацијата се учи, односно човекот учи како да комуницира.

  1. Елементи на комуникацискиот процес

Комуникацискиот процес е составен од неколку елементи: прво-извор на пораката, второ-примач на пораката, трето-содржина на пораката, четврто-средства за пренесување на пораката и петто-ефект, воспоставување на повратна реакција.

Што се однесува до првите два елемента, испраќачот и примачот, најчесто тие припаѓаат на иста социјална средина. Пораката пак, претставува свесно и намерно селектирање на симболи со кои се пренесува одредено значење до примачот. Каналот или средството за пренесување на пораката има неколку карактеристики: сигурност на каналот, достапност и др.

Понатаму, комуникацискиот процес има неколку фази:

  • Фаза во која се обликува информативната содржина на пораката,и во која доминантна улога имаат јазично-симболичките структури;
  • Фаза на пренесување на пораката од еден на друг субјект со помош на медиум;
  • Фаза во која се толкува информацијата, пораката, се интерпретира и се одбива или прифаќа. Ова е најкомплексната фаза во комуникацискиот процес.
  • Ефекти од пораката, се однесува на последиците кои пораката ги остварила.
  • Повратна врска(feedback), се однес на ситуацијата на самата интеракција која се појавува меѓу учесниците во комуникацијата. Имено, повратната врска се однесува на фактот дека ниедна комуникација неможе да профункционира без притоа испраќачот на пораката да го предвиди можниот ефект од неговите зборови упатени кон другиот субјект.

Врз основа на Ласвеловата формулација: кој на кого што му рекол, на кој начин и со каков резултат, се формираат:

-Порака(анализа на содржината на комуник процес)

-Емитент(субјект на комуник процес);

-Примач

-Канал (медиум)

-Ефект, цел (влијанието на пораката врз примачот)

Врз основа на сево ова, комуникацијата се сфаќа како процес на свесно и однапред смислено, планирано праќање на одредена порака со која испраќачот сака да влијае врз примачот.

И на крај, неколку зборови за условите кои гарантираат успешна комуникација:

  1. Во секоја комуникација,треба да биде јасно за каков вид симболичка функција станува збор (претпоставува употреба на симболи и знаци од ист систем).
  2. Треба да се употребуваат оние симболи кои имаат јасно и недвосмислено значење;
  3. Секој симбол треба да има само едно значење;
  4. За поефективна комуникација, потребно е значењето на клучните поими да е точно определено (ова и наредните две правила се однесуваат на социјалниот карактер на комуникацијата).
  5. Еден од позначајните услови за успешна комуникација е максимална соработка меѓу учесниците во комуникацијата.

Понатаму, доколку некое од овие правила/услови не се исполнат ,настануваат пречки во комуникацијата (пречките може да бидат од семантичка, логичка, психолошка или општествена природа).

 

Фактори на сиромаштијата

Пред да се почне со објаснување на факторите на сиромаштија, неопходно е да се направи разлика помеѓу поимите “фактор„ и “причина„. Имено, причина за одреден феномен е нешто што директно придонесува за појава на одреден феномен, во конкретниот случај, тоа е сиромаштијата. Од друга страна, поимот фактор се однесува на нешто кое придонесува за да одреден феномен продолжи со постоење, со континуитет, откако е веќе произведен. Во конкретниот случај, факторите на сиромаштија се оние појави или аспекти кои ги одржуваат условите под кои се појавува сиромаштијата.

Во социологијата, се со цел полесно толкување, направени се две групи на фактори кои влијаат на сиромаштијата:

  1. Социо – економски фактори каде што спаѓаат:
  • Невработеност – се дефинира како состојба на неможност да се продаде сопствената работна сила на пазарот на трудот и покрај желбата тоа да се направи. Треба да се нагласи дека невработеноста ги опфаќа само оние поединци кои се работоспособни и кои истовремено бараат активно работа. Постојат неколку позначајни видови на невработеност:

а) Технолошка невработеност – која е предизвикана од процесот на автоматизација, кој пак е производ на интензивниот развој на технологијата, при што голем број на работници се едноставно заменети со машини.

б) Структурна невработеност – произлегува од неусогласеноста помеѓу понудата и побарувачката на работни места (се продуцираат повеќе кадри од одредена област а за нив нема толку слободни работни места)

в) Циклична невработеност – се појавува во услови на рецесија односно поголеми економски кризи, кога впрочем доаѓа до намалено производство, а со тоа и намалување, т.е. отпуштање на поголем број на луѓе

  • Инфлација – е состојба во која се намалува вредноста на домашната валута преку зголемување на цените на СИТЕ производи, при што мора да се печатат дополнителни количини на пари: зголемување на цените + печатење на пари = намалување на вредноста на валутите. Колку за илустрација, постои добра метафора за инлациската состојба: Во нормални економски услови, одите со пари во џеб за да купите една кошница со производи. Во услови на инфлација, одите со кошница полна со пари за да купите производи кои ќе ги ставите во џеб
  • Социо – културни фактори – оваа група на фактори е релативно поапстрактна за разлика од претходната група. Тука, основен акцент се става на улогата на опште-ствената нееднаквост (стратификација). Се наведуваат и други аспекти кои влијаат на сиромаштијата како на пример општествената мобилност (преминување од една општествена група во друга, или движење во рамките на една група), потоа се истакнува влијанието на животните циклуси врз сиромаштијата, при што се потенцира дека во младоста, семејството и поединците се посиромашни, па дека во зрелоста се намалуваат потребите, а се зголемуваат доходите и приходите, за да во староста (пензија) луѓето живеат скромен живот.

Мерење на сиромаштијата; Култура на сиромаштија

Кога станува збор за мерење на сиромаштијата, односно дали сиромаштијата може објективно да се измери, одговорот тешко се пронаоѓа со оглед на релативноста и мулти-димензионалноста на овој феномен. Покрај многуте методи за мерење на сиромаштијата во овој текст ќе се задржиме на неколку од нив:

  • Доходот како мерка за сиромаштијата – доходот (семеен буџет) најчесто се зема како делумно објективен критериум за одредување на состојбата во едно семејство. Се смета дека оние со ниски доходи немаат доволно куповна (финансиска) моќ да ги купат неопходните продукти. Со ова се поврзува и поимот потрошувачка кошница – неопходните продукти (просечни) за едно четири члено семејство за еден месец, пресметани во пари (во РМ вредноста на оваа кошница варира но отприлика изнесуваше околу 19 000 денари, но веќе неколку години не се пресметува). Но она што се забележува како недостаток на овој метод е фактот дека не секогаш луѓето ќе ги потрошат своите пари на овие неопходни продукти, туку може да ги потрошат за нешто сосем ирелевантно и непотребно (нерационално трошење). Друга слабост е фактот дека луѓето не добиваат финансиски средства само преку доходите, туку и од други извори/приходи (кирии, надоместоци од земјиште и сл)
  • Релативен метод – со овој метод е поврзан поимот релативен приход (просечен приход), како и одредување на т.н. линија на сиромаштија (50, 60 или 70% во зависност од државата). Имено, релативниот (просечниот) приход е количината на пари неопходни за едно семејство да функционира (опстои) нормално. Во Македонија, тој се одредува како 60% од просечната плата, при што сиромашен е оној кој има 60% или помалку од просечната плата во Македонија.
  • Бруто национален производ (БНП) – се дефинира како вкупна вредност на сите финални добра и услуги за една година на сите државјани на една земја (без разлика на нивната местоположба). Тука не се пресметуваат доходите на странците во РМ. Сличен поим со овој е Бруто домашен производ (БДП) кој ги опфаќа финалните добра и услуги во 1 година во рамките на една земја (без разлика дали се странци или државјани на РМ). Откако ќе се утврди БДП на една земја, таа во зависност од висината на БДП-то, се определува како сиромашна или богата земја.
  1. Култура на сиромаштија – како е да се биде сиромашен – оваа теорија е една од доминантните посебно во 70-те години на минатиот век. Најпознатиот претставник на оваа теорија, Оскар Луис смета дека сиромаштијата е една супкултура која има различен начин на живот заснован врз посебните вредности кои се појавуваат во сиромашните квартови. Тие вредности најчесто се однесуваат на немањето желба за успех, маргиналност, беспомошност и зависност. На ниво на семејството, доминираат вредно-сти од типот на слободни врски и диви бракови, зголемен број на разводи, напуштање на семејството (најчесто од страна на таткото) и сл. На ниво на заедница, кај сиромашните постојат вредности кои се однесуваат на отсуство или намалено учество во институциите на општеството и сл. Друг значаен аспект на оваа теорија е ставот дека еднаш откако ќе се воспостави сиромаштијата во едно семејство, таа се обновува преку генерациите и не може да се искорени, од проста причина што децата на 6 или 7 години во сиромашно семејство, веќе се задоени со вредностите на својата поткултура (сиромаштија) и тешко можат да излезат од таа состојба.
  2. Социјално исклучување – е поим кој се однесува на состојбата во која еден поединец или група не може да учествува во клучните аспекти на општеството во кое живее. Често пати, социјалното исклучување се однесува на процесот којшто доведува одредени поединци или групи да се најдат на маргините на општеството, притоа ограничувајќи го нивниот пристап кон ресурси и можности и ограничувајќи го нивното учество во социјалниот и културниот живот.

Тие „клучни” аспекти се прилично тешки за одредување со оглед на релативноста која со себе ја носат. Меѓутоа, ЕУ одреди четири димензии:

а) Потрошувачка – способност да се купуваат добра и услуги; б) Производство – учество во економски активности; в) Политички ангажман – Вклученост во донесувањето на одлуки на локално/национално ниво; г) Општествена интеракција – воспоставување на контакт со семејството, пријателите и заедницата во која се живее. Се смета дека доколку овие 4 аспекти се оневозможени, тогаш поединецот е социјално исклучен.

Определување на поимот сиромаштија

Сиромаштијата е еден од феномените за кои не постои единствен концепт и дефиниција токму поради релативната природа на сиромаштијата (различни држави – различни дефиниции за сиромаштија). Меѓутоа, ние ќе се држиме до следнава определба: Сиромаштијата е состојба во која на поединците/групите им недостигаат ресурси/средства за опстанок (храна, живеалиште, облека, здравствена заштита и образование).

Сиромаштијата била проучувана од многу социолози, меѓу кои и Карл Маркс кој сметал дека во капиталистички услови, овој феномен е невозможно да се надмине, дека тој секогаш ќе постои, се додека постои нееднаква распределба на ресурсите.

Исто така, многу социолози ги критикувале самите сиромашни луѓе истакнувајќи дека тие се сиромашни поради тоа што се мрзливи, неспособни и сл. Еден од тие социолози е Херберт Спенсер, кој сметал дека на сиромашните не треба да им се помага, да им се дава милосрдие. Оваа теорија спаѓа во т.н. индивидуалистички теории. Сепак, теориите според кои самите луѓе се виновни за тоа што се сиромашни, можеби се надминати, и денес социолозите тежнеат да ја поврзат сиромаштијата најпрво со општествените фактори,како невработеноста, со стратификацијата, нееднаквата распределба на општествените ресурси и сл.

Она што е важно во дефинирањето на сиромаштијата е да се прави разлика помеѓу двата концепти за сиромаштија:

  • Апсолутен концепт – кој ја определува сиромаштијата како состојба во која на поединецот или групата му недостигаат основните ресурси неопходни за живот. Вообичаено, тука сиромаштијата подразбира проценка на основните човекови потреби и истата се мери во контекст на средствата неопходни за одржување на оптималната телесна и здравствена состојба. Овој концепт е најзастапен во ниско развиените земји, кадешто луѓето се лишени од задоволување на физичките потреби. Најпознатиот претставник на овој концепт, Сибом Раунтри, смета дека апсолутната сиромаштија се однесува на одржување на нормален живот кое е поврзано со основните стандарди на неопходниот физички капацитет за продукција (платена работа) и репродукција (раѓање на деца и грижење за нив).
  • Релативен концепт – според кој, сиромаштијата е дефинирана како состојба на неможност на поединецот да ги оствари оние потреби (културни, здравствени и општествени) кои важат за вообичаени или прифатени како просек во опште-ството во кое живее. Ова значи дека сиромаштијата варира од едно во друго општество во зависност од животниот стандард на општествата. Исто така, важно да се спомне е дека овој концепт е својствен за високо развиените земји, таму кадешто проблемот не е во задоволување на основните потреби, туку задоволување на потребите кои се општествено одредени (одење во кино, театар, следење на спортски натпревари и сл.). Најпознатиот претставник на релативната дефиниција, Питер Таунсенд, смета дека луѓето дефинирани според релативниот концепт, се оние кои имаат недостаток од средства за добивање на потребните видови на храна, недостаток на учество во социјалните активности, во едно конкретно општество.

Ова значи дека релативната сиромаштија се однесува на конкретно општество во конкретно определен временски период.

 

Етничка интеграција и етнички конфликт

Како директна последица од глобалните миграции, настануваат мултикултурни, односно мултиетнички општества. Процесите на миграција секогаш се придружени од процесот т.н. асимилација. Под поимот асимилација се подразбира процес на фактичко (целосно) прифаќање од страна на подредената група (имигранти) на вредностите и културата на до-минантната група (општеството во кое имигрантите се доселуваат). Тука е мошне важен односот домаќин – иселеник, при што вообичаено е да се очекува тие што се доселиле да ја прифатат културата на оние кои што живеат на местото на доселување.

Но она што е негативно, е што процесот на асимилација не секогаш наидува на одобрување од страна на подредената група, и тогаш настануваат конфликтите, т.е.етничките конфликти. Голем број од иселеничките групи живеат во посебни одделни енклави, квартови и не секогаш успеваат да се интегрираат, што резултира со појава на конфликт

Конфликтот претставува судир помеѓу различни групи кои имаат различни интереси. Најопшта причина за појавата на конфликтите е постоењето на повеќе групи со различни интереси и различна количина на моќ. Постојат повеќе видови на конфликт (некои се однесуваат на моќта и богатствата, некои се поврзани со вредностите, а некои имаат идеолошка позадина), но за нас од интерес е етничкиот конфликт (помеѓу две етнички групи).

Овој вид на конфликт има три фази:

  1. Претконфликтна фаза во која е најпожелно да се интервенира, додека не се разгорени страстите
  2. Конфликтна фаза во која спротивставените страни ги истакнуваат и бранат своите интереси на различни начини (протести, забрани, воени интервенции и сл)
  3. Завршна фаза, во која се бараат начини и средства за решавање на конфликтот

Што се однесува до начините за решавање, социологијата познава 3 начини:

  1. Компромис, кога една од страните доброволно се откажува од дел од своите интереси и барања и истата делумно се повлекува;
  2. Моќта на посилниот, кога посилната страна ја доведува другата страна во незавидна позиција и ја принудува да се откаже од своите барања и интереси
  3. Медијација, која подразбира вклучување на трета страна т.н. медијатор. Ова вклу-чување на трета страна не мора секогаш да биде по барање на двете страни, туку може да се случи третата страна самоволно да се приклучи поради разни причини. Улогата на медијатор може да му припадне на некој поединец, група или држава

Најчесто двете страни бараат помош од трета поради неколку причини:

  • Сите аргументи, сили и начини за решавање се исцрпени од двете страни и немаат што друго да направат;
  • Двете страни упорно инсистираат на своите барања и интереси (водат инает) и др.

Стереотипи, предрасуди и дискриминација

Кога станува збор за поимот етничка дискриминација, или пак за било кој друг вид на дискриминација, неопходно е да се илустрираат и објаснат и поимите кои се “придружни” на поимот дискриминација, а тоа се стереотипите и предрасудите.

Стереотипи – се обрасци на верувања или мислења за одредена група,т.е. збир на особини кои ја дефинираат одредена група (погрешна генерализација или претстава за таа група)

Предрасуди – се негативни стереотипи (логички неосновани уверувања, вредности и ставови спрема објекти или поединци, т.е. групи)

Дискриминација – акција заснована врз предрасуди

Предрасудите се карактеризираат со стереотипни верувања кои најчесто не се емпириски проверени, туку се засновуваат врз личните искуства и ставови. Предрасудите се релативно стабилни и трајни ставови, вткаени во животните искуства на луѓето. Основна последица од постоењето на предрасуди е неоправдано подредено сместување на поединец или група, и како таква, таа е суштински неправедна.

Дискриминацијата е поим кој во секојдневниот говор означува просто „нефер” третман, во социологијата се појавува пред се,во контекст на теориите за етнички и расни односи. Се определува како израз на етноцентризмот или, како културен феномен на „несакање на поинаквиот, различниот од себе”.

И покрај постоењето на теории кои на некој начин негираат дека постои нужна поврзаност меѓу предрасудите и дискрим,сепак,општо прифатено е дека тие два феномена се повеќе од компатибилни. Имено, секоја дискриминација подразбира постоење на предрасуда, но  не секоја предрасуда подразбира дискриминација. Кога станува збор за етничката дискриминација, најпрво мора да го дефинираме поимот етничка група. Етничката група е заедница на луѓе кои исполнува три критериуми:

  • Припадниците на таа група имаат заедничко потекло;
  • Припадниците на таа група имаат заеднички (ист) јазик;
  • Припадниците на таа група имаат заедничка религија.

Етничката дискриминација е општествена појава во која се дискриминираат (омаловажуваат, навредуваат и потчинуваат) припадниците на една етничка заедница (етникум). Ова значи дека се дисквалификуваат припадниците на една етничка група да остварат нешто што е достапно за останатите, само поради тоа што се Турци, Власи, Албанци, Срби и сл.

Овој вид на дискриминација може да се забележи во скоро сите општествени области: економијата, образованието (во РМ, 55% од родителите не би ги пратиле своите деца да учат во училиште кадешто мнозинство е друга етничка група), културата па и политиката.

Глобална миграција

Поимот миграција најчесто упатува на перманентно (постојано) движење на поединци/групи во нови подрачја или заедници. Исто така, миграцијата како општествен феномен, се интензивира во последните 200 години. Причини за засиленото темпо на мигрирање се најчесто процесот на индустријализација, кој ги принудувал луѓето ширум светот на ма-совно мигрирање на релација село-град. Тесно поврзан со индустријализацијата е и процесот на урбанизација (процес на формирање и развој на градовите). Секако дека овие масовни миграции предизвикувале тектонски демографски промени на светското население, без разлика дали тие се позитивни (развој на одредени области) или негативни (изумирање т.е. исчезнување на огромен број на села па и градови).

Она што највеќе ги интересира социолозите се причините поради кои луѓето се одлучуваат да се преселат на друго место. За таа цел, постојат два фактори:

  • Истискувачки (push) фактори се оние кои предизвикуваат миграција се со цел зголемување на сигурноста (на пример, луѓето од едно место мигрираат во друго поради високата стапка на невработеност)
  • Привлекувачки (pull) фактори се оние кои охрабруваат преземањето ризик за ми-грација се со цел добивање поголем приход (на пример, луѓето мигрираат од едно во друго место поради нискиот животен стандард на местото од кое се иселуваат).

Понатаму, меѓу причините поради кои луѓето мигрираат се наведуваат: економските, политичките, потрага по подобро образование и сл. И на крај, постојат два поима кои изгледаат дека се слични, но треба да се прави разлика во нивното значење:

  • Емиграција – е појава која се дефинира како отселување на луѓето од одредена те-риторија поради одредени причини кои можат да бидат од социјална, економска, културна или политичка природа;
  • Имиграција – е појава на вселување во одредена земја. Всушност и емиграцијата и имиграцијата означуваат ист процес, меѓутоа зависи од кој аспект се гледа на миграцијата (дали од земјата ОД која се иселува поединецот, или ВО земјата во која се вселува)

Род и пол

Човековите активности и практики во целиот свет се организирани според општествената дистинкција што ја прават луѓето меѓу мажите и жените. Половата припадност (улога) оставаат прилично големи последици во животот на мажите и жените. Но што е полот, а што родот?

Поимот пол (анг.sex) се употребува за да се означат видливите т.н. биолошки разлики меѓу мажите и жените, односно полот ја определува улогата што еден поединец ќе ја има во системот за репродукција. Поимот род (анг.gender) пак, се однесува на психолошките, социјалните и културолошките разлики меѓу мажите и жените. Честопати се вели дека полот е факт, а родот е убедување. Ова значи дека полот е одреден по природен пат, додека родот е социјално конструирана рамка создадена од човекот се со цел да се даде смисла на половата разлика. Во голем број на општества, се смета дека половите разлики се условени од било-гијата, т.е. дека жените се предодредени за вршење на работи кои се сметаат исклучиво за женски, а машките се предодредени да вршат работи кои се исклучиво машки.

Постои еден процес кој е неминовно поврзан со оваа проблематика, а тоа е поимот родова социјализација кој своевремено се определува како процес во кој децата учат како да станат машки, односно женски. Со други зборови, родовата социјализација ги подготвува поединците да се однесуваат на „машки” или „женски” начин. Честопати, кога еден поединец со машки пол се однесува како женски род, наидува на потсмев и понижување од средината. Постојат различни извори на погрешно, стереотипно претставување на жените, на пример, студии на детски книги покажуваат дека женските претставници во книгите се далеку помалку присутни и се претставени како беспомошни, пасивни, неспособни и сл.

Постојат неколку поими кои се поврзани со ваквите ситуации:

  1. Транссексуалец– е лице чиј пол е променет со операција и хормонска терапија;
  2. Трансвестит– е лице чиј род се разликува од неговиот/нејзиниот пол и лице кое своето однесување не го базира врз својот пол, туку врз својот род;
  3. Хермафродит– лице чии полови органи неможат целосно да се идентификуваат бидејќи се присутни и двата пола;

Прашањето за тоа дали постојат биолошки основи за постоењето на машки и женски работи, или пак, главното влијание го има општествената средина, многумина социолози сметаат дека е апсурдно, алудирајќи на нивната комплементарност. Сепак, поголемиот дел од истражувањата покажуваат дека социокултурниот контекст е тој кој ги модификува родово-половите односи, улоги и идентитети. За крај, една мини анализа на истражувањето насловено како „Психологија на половите разлики” на психолозите Еленор Мекоби и Керол Џеклин, во кое тие докажуваат дека одредени верувања кои постоеле за машките и женските едноставно не држат место. Меѓу тие верувања се следниве:

  1. Девојчињата се „посоцијални” од машките;
  2. Девојчињата се посугестибилни од машките но и помалку аналитични (помалку успешни во реализација на покомплексни задачи);
  3. Девојчињата имаат пониска самопочит и самодоверба од машките.

Меѓутоа, покрај овие т.н. митови, авторите докажале одредени верувања кои претходно не биле научно верифицирани:

  1. Девојчињата имаат поголема вербална способност од машките
  2. Момчињата имаат поголема визуелно-просторна способност (можеби затоа се подобри возачи од женските 🙂 )
  3. Момчињата имаат супериорна математичка способност
  4. Момчињата се поагресивни од девојчињата

Од сето ова, произлегува дека вие самите треба да размислите и донесете свој личен став околу прашањето за поделбата на машки и женски род, а не пол бидејќи на крајот на краиштата, биолошките разлики се факт, а родовите се убедување.

Социјализам и социјал-демократија

Социјализам и социјал-демократија

Социјализмот е идеологија која се појавува некаде во 19 век, и чиј главен претставник е Карл Маркс. Тоа е учење (идеологија) кое е чиста спротивност на либерализмот, т.е. еднакви можности повеќе од еднакви права (секој колку што му треба). За прв пат овој поим го употребува англискиот (Велшкиот) филозоф Роберт Овен во 1827 година.

Социјализмот може најдобро да се опише како економски и политички систем заснован врз колективна (државна) сопственост врз средствата за производство и распределба. Тоа е идеологија која бара еднаквост во можностите на луѓето, односно доктрина која поставува теза дека граѓанинот ќе биде најдобро третиран, ако фокусот се стави на основните потреби на целото општество, отколку ако се стави на потребите на поединецот како индивидуалец. Оваа идеологија се заснова врз неколку принципи:

  • Егалитарност – или еднаквост, т.е. човештвото ќе биде здружено и еднакво во оној момент кога богатството ќе биде употребено за општото добро.
  • Морализам – поделбата на богати и сиромашни е злобна и капитализмот е суштински некоректен и неисправен. Наместо тоа, идното општество треба да се заснова врз мирот, социјалната правда и вистинска слобода за сите.

Карл Маркс, еден од најзначајните апологети на социјализмот го дефинира истиот како укинување на пазарот, капиталот и залагање за социјална правда и распределба на секој онолку колку што му се потребите а не онолку колку што вложил труд. Исто така, во критикувањето на капитализмот како систем во кој богатите ги експлоатираат сиромашните (работниците), Маркс истакнува дека за него, социјализмот е само една преодна, транзициска фаза кон појавата на бескласното општество наречено комунизам.

Социјал демократијата како идеологија во рамките на социјализмот се појавува како  нов социјализам или со други зборови реал социјализам. Оваа идеологија е во голема мера слична со социјализмот, но она што ја одвојува од него е отсуството на револуционерните идеи кои се појавуваат кај Маркс (дека со револуција може да се сруши капитализмот). Исто така, социјал демократија некаде се појавува под терминот државен капитализам, што се однесува на видот на економската организација на ено општество. Тој вид на економска организација подразбира капитализам во кој контролата над главните делови на економијата ќе ги преземе државата.

Линкот со презентации и илустрации е овде