Човековите активности и практики во целиот свет се организирани според општествената дистинкција што ја прават луѓето меѓу мажите и жените. Половата припадност (улога) оставаат прилично големи последици во животот на мажите и жените. Но што е полот, а што родот?
Поимот пол (анг.sex) се употребува за да се означат видливите т.н. биолошки разлики меѓу мажите и жените, односно полот ја определува улогата што еден поединец ќе ја има во системот за репродукција. Поимот род (анг.gender) пак, се однесува на психолошките, социјалните и културолошките разлики меѓу мажите и жените. Честопати се вели дека полот е факт, а родот е убедување. Ова значи дека полот е одреден по природен пат, додека родот е социјално конструирана рамка создадена од човекот се со цел да се даде смисла на половата разлика. Во голем број на општества, се смета дека половите разлики се условени од било-гијата, т.е. дека жените се предодредени за вршење на работи кои се сметаат исклучиво за женски, а машките се предодредени да вршат работи кои се исклучиво машки.
Постои еден процес кој е неминовно поврзан со оваа проблематика, а тоа е поимот родова социјализација кој своевремено се определува како процес во кој децата учат како да станат машки, односно женски. Со други зборови, родовата социјализација ги подготвува поединците да се однесуваат на „машки” или „женски” начин. Честопати, кога еден поединец со машки пол се однесува како женски род, наидува на потсмев и понижување од средината. Постојат различни извори на погрешно, стереотипно претставување на жените, на пример, студии на детски книги покажуваат дека женските претставници во книгите се далеку помалку присутни и се претставени како беспомошни, пасивни, неспособни и сл.
Постојат неколку поими кои се поврзани со ваквите ситуации:
- Транссексуалец– е лице чиј пол е променет со операција и хормонска терапија;
- Трансвестит– е лице чиј род се разликува од неговиот/нејзиниот пол и лице кое своето однесување не го базира врз својот пол, туку врз својот род;
- Хермафродит– лице чии полови органи неможат целосно да се идентификуваат бидејќи се присутни и двата пола;
Прашањето за тоа дали постојат биолошки основи за постоењето на машки и женски работи, или пак, главното влијание го има општествената средина, многумина социолози сметаат дека е апсурдно, алудирајќи на нивната комплементарност. Сепак, поголемиот дел од истражувањата покажуваат дека социокултурниот контекст е тој кој ги модификува родово-половите односи, улоги и идентитети. За крај, една мини анализа на истражувањето насловено како „Психологија на половите разлики” на психолозите Еленор Мекоби и Керол Џеклин, во кое тие докажуваат дека одредени верувања кои постоеле за машките и женските едноставно не држат место. Меѓу тие верувања се следниве:
- Девојчињата се „посоцијални” од машките;
- Девојчињата се посугестибилни од машките но и помалку аналитични (помалку успешни во реализација на покомплексни задачи);
- Девојчињата имаат пониска самопочит и самодоверба од машките.
Меѓутоа, покрај овие т.н. митови, авторите докажале одредени верувања кои претходно не биле научно верифицирани:
- Девојчињата имаат поголема вербална способност од машките
- Момчињата имаат поголема визуелно-просторна способност (можеби затоа се подобри возачи од женските 🙂 )
- Момчињата имаат супериорна математичка способност
- Момчињата се поагресивни од девојчињата
Од сето ова, произлегува дека вие самите треба да размислите и донесете свој личен став околу прашањето за поделбата на машки и женски род, а не пол бидејќи на крајот на краиштата, биолошките разлики се факт, а родовите се убедување.

